Гарванот

Еднаш среде полноќ една,покрај стари книги седнат,

дури водев в соба бледна со тајна ука спор,

дури дремлив тонев в скука, зачув некој тропнеж тука,

зачув некој како чука на портата однадвор.

“Некој гостин”- реков,-чука на портата од надвор!

Тоа сал и ниту збор!

Ах си спомнам,многу јасно: в декемвриска вечер касна,

жарта в пепелта што згасна го засени мојот взор.

Жедно утрото го пекав; од книгите штуро чекав

спас од болот што ме штрека, бол по еден редок збор,

збор Леонора, свидна мома,тој ангелски убав створ,

Таа вечна неизгор.

А завесата од свила, в пурпур сета што се слила,

грозен шум во себе скрила.На ужас се чиниш створ!

Па срцето дури бие, јас го молам да се свие:

“Некој гост е што се крие пред портата однадвор-

доцен гост е што се крие пред портата однадвор”-

То сал и ниту збор!

Веднаш срдито се вденав,мигум својот глас го кренав:

“Човек ли сте или жена, простете е мојот збор;

врз клепкиве дремка стежна, а пак вие в ноќва мрежна

тропнавте со усет нежна на портата однадвор”-

тоа реков ,порти ширум отворив и пратив взор-

надвор мрак и ниту збор!

Длабоко во мракот страшен долго стоев втренчен,вџашен,

сонувајќи сон незнаен ни на еден смртен створ;

Спокој секаде се свлече, мирнотија в ноќта тече,

збор единствен што се рече беше тажен, шепнат збор,

збор, Леонора, што низ ехо се врати во одговор.

Тоа сал и ниту збор!

В собата штом дојдов назад, сетив:морници ме лазат,

зачув како некој чука пак со удар тап и спор.

Па си реков:”дај , ќе идам до прозорецот, да видам,

треба сигурен да бидам таен ли е некој створ!-

Да се смирам сал за малку од тропнежот однадвор-

Вон сал и ниту збор!

Панѕурите штом ги турнав, преку мене нешто јурна,

низ прозорецот се втурна Гарванот горд со темен взор.

Ни да климне глава само, ни да запре в таа штама,

но со лик на лорд ил дама ко што дојде однадвор,

врз бистата на Палада, над вратата, овој створ

претна, седна и ни збор!

И со таа птица света, што пред малку слета

одважна и строга сета, почнав чуден разговор:

“Буква немаш да се реси, сепак плашлива ти не си,

грозно, страшно сениште си, Брегот ноќен ти е двор-

речи, какво име носиш в Плутоновиот ти хор?

Тој сал гракна: “Nevermore!”

Станав плен на почудица, кога таа грда птица

ја чув како зборна в мракот сосема јасен одговор!

Никој смртен жив створ вака, среде глува ноќна мрака,

не чул птица да му грака и му праќа огнен взор-

птица или друга лишка да му праќа огнен взор

со збор еден: “Nevermore!”

Гарванот , штом седна таму, еден збор тој гракна само

в душа божем тој збор може сам да начне разговор.

Друго појќени да каже , ни да пафне пердув влажен,

дур не сронив мрмор тажен:”Осамен сум долго створ.

И ти како мојта Надеж исчезнат ќе бидеш створ!”

Тој сал гракна : ” Nevermore”

Изненаден , мигнум трепнав , од одветот негов сепнат,

“Сомневање нема”, шепнав, “Се е тоа празен збор”.

Од несреќа стопан сметен, кого пропаст зла го сплете

и го следи уште,ете, до песните преумор,

тажачките песни, припев на Надежта непрегор

од вечното” Nevermore!”

Но Гарванот грак штом срони, макар тажен, в смев ме гони,

па на столот седнав сонлив со втренчен во него взор;

Врз кадифе глава веднам, но ми тежи мисла една,

мисла тажна , мисла бедна: кој е овој зловест створ?

Овој кобен страшен хишник каков ли е судботвор

со своето : “Nevermore!”

B плен на такви мисли седев, птицата со глад ја следев,

без да речам ниту еден, дури ниту еден збор;

Бплен на такви мисли вивнат, понабран потем стивнав

и врз кадифе да здивнам, се отпуштив нем и спор,

врз кадифето кај Она нема веќе ко жив створ

Пак да седне, “Nevermore!”

Одненадеж , ми се чини, мирис воздухот да прими

божем  крилни серафими кадат темјан беспрекор;

“Страдалнику”, реков тогај, “Ова дар ти е од бога;

по ангели тој ти прати мир и непент којшто мати.

Испи го и тогај мора да ја заборавиш Леонора!”

грак се слушна: “Nevermore!”

“Пророку!” му реков право,” птица ли си или ѓавол!

Сеедно е кој те пратил! Сотона ли, друг ли створ!

Полн со очај, смел ил злобен, дојден ваму в крајов кобен,

в дом кај цари ужас гробен, дај ми искрен одговор:

речи, дали Гилеада има цер за тој што страда?”

Тој сал гракна: “Nevermore!”

“Пророку!” му реков право,” птица ли си или ѓавол!

Те колнам во тој што в светот владее над секој створ!

Речи и на мој’ва душа , која јадови ја гушат,

дали повтор ќе ја гушка Леонора со љубен взор?

Дали пак во далек Еден ќе прегрне свиден створ?”

Грак се слушна : “Nevermore!”

Нека биде тој збор сега збор раздлабен, а не шега,

птицо или враже, бегај б Плутоновиот ти двор!

Не оставај пердув траги, спомени од твојте лаги,

остави ме в мисли драги, престани со твојот збор!

Од срцево извади го клучот свој, тој клун на нор!

Грак се слушна: “Nevermore!”

A Гарванот ни да претне, ниту пак за  миг да летне

од бистата на Палада , туку како кобник створ

над вратата бдее, молчи, со поспани демон-очи,

и врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор;

И врз таа сенка- темна, душава, знам, веќе нема

да се крене. “Nevermore!”

Edgar Allan Poe

препев:Гане Тодоровски

crowmanjpg3.jpg.rZd.44754.jpg



10 Responses to “Гарванот”

  1.   kralj_literanova Says:

    Една од најубавите поеми за растројството на човековата душа, која е растргната понеѓу непомирливоста со фактот за смртта и суровата вистина…

  2.   Darvel Says:

    Гарванот бе? До кога ќе ве лаже Гане Тодоровски со посреден превод од Српско-Хрватски, во кој заборавил да преведе некои зборчиња? :? :O

  3.   kralj_literanova Says:

    Што е важно бе, црн е… поцрн и од најцрниот песимизам…

  4.   By Jove Says:

    NEVER-MORE!!!
    Гарванот е една од најубавите песни на кои им се восхитував во гимназија.

    Поз.

    By Jove.

  5.   magii Says:

    Денес ја работевме на училиште :) :) :)
    Убав разговор на поетот со својата потсвест, сепак во оригиналот поубаво звучи :)

  6.   Darvel Says:

    Најпосле некој го напиша насловот на Македонски, фала Љупчо. :)

  7.   LupcoBocvarov Says:

    ТУКА
    Едгар Алан По пишува како ја создал поемата “Гавранот“.

  8.   kralj_literanova Says:

    Маги, познавачите на поезијата на По велат дека неговите стихов вистинската убавина ја добиле во препевите на Бодлер… Логички е на француски да звучат најубаво… ( за жал не можам да потврдам потирајки се на личното читателско искуство)

  9.   the crow Says:

    прво научете ја на македонски па после следува на англиски ;) ))

  10.   диме Says:

    еее ве молам немојте! Од бодлер да звучи подобро? Нема шанси, ај побарајте пак на гугл за Гарванот, за римата, за акцентираните слогови, за алегориите, и најмногу за музиката која се создава со рецитирање на песната! тоа се се работи кои и најдобриот преведувач на светот не може да ги долови (посебно не г-нот Тодоровски, али важното е што сепак се обидел). Само еден Едгар Алан По може да го преведи Едгар Алан По и никој друг.
    п.с. дарвел е во право, многу зборови не се допреведени и многу референци кон други дела се изоставени, (не ме сфаќајте погрешно, не го обвинувам преведувачот, ама мислам стварно…) што е огромен доказ зошто Гарванот претставува еден врв на англискиот јазик!

Напишете коментар

You must be logged in to post a comment.